Кабинскиот екипаж на нискобуџетната авиокомпанија Рајанер, кој во Шпанија штрајкува за подобри работни услови од крајот на јуни, го продолжи протестот за уште пет месеци.
Шпанските синдикати УСО (USO) и Ситцпла (Sitcpla) денеска соопштија дека ќе штрајкуваат секоја недела од понеделник до четврток од 8 август до 7 јануари 2023 година.
Штрајкот од четири дена во неделата беше воведен бидејќи ирската авиокомпанија не го почитува шпанскиот закон и одбива да преговара, соопштија тие.
Екипажот бара почитување на „основните работнички права“ како што се 22 работни дена годишен одмор, 14 законски државни празници, имплементација на Законот за здравје и безбедност при работа и зголемување на платите на нивоата пред пандемијата.