Кусо траеше. Од среда, 27 јули во 6 часот, гасоводот Северен тек 1 работи со само 20 отсто капацитет. Тоа значи дека од Русија во Германија пристигнуваат само околу 33 милиони кубни метри гас дневно. Според добавувачите, причина е ремонт на друга турбина, пишува Дојче веле.
Германската Влада смета дека овие причини се лажни и се сомнева дека се работи за обид за уцена. Министерот за економија Роберт Хабек (од Зелените) го обвинува рускиот претседател Владимир Путин дека игра „перфидна игра“.
Берлин: Русија одбива да ги покаже увозните документи за турбината
Понатамошното намалување на испораките на гас дополнително ја зголемува загриженоста во Германија. Со сегашниот обем на испорака од околу 66 милиони кубни метри гас дневно – што е околу 40 проценти од капацитетот на гасоводот – беше можно да се продолжи со полнење на залихите. Од среда станува многу потешко. Според проценките на германската Федерална мрежна агенција, проблеми со таквиот проток на гас ќе се појават во јануари следната година – доколку Германија продолжи да пропушта гас во други земји.
Минатата недела Путин се закани дека околу 26 јули би можело да има дополнително намалување на испораките преку „Северен тек 1“, доколку турбината што беше на ремонт во Канада не биде достапна навреме. Втората турбина треба да биде испратена на ремонт кон средината на оваа недела.
Роберт Хабек: Владимир Путин игра перфидна игра
Германската влада од своја страна се обиде да ја забрза испораката на првата турбина, а сега го критикува фактот што Русија, како што наведуваат во Берлин, воопшто не сака да го добие тој дел. „Нема технички причини за прекинот, турбината е подготвена за испорака во Русија“, тврди министерот Хабек. Царинските документи за извоз се комплетирани, вели тој, но Русија одбива да ги проследи документите за увоз. „Русија ги прекршува договорите и ги обвинува другите.
Според Хабек, стратегијата на Путин е јасна: тој се обидува „да ја ослабне големата поддршка за Украина и да внесе раздор во нашето општество“. На ова, смета тој, потребно е спротивставување со единство и концентрирана акција – што вклучува брзо градење инфраструктура течен природен гас, полнење на складиштата и намалување на потрошувачката.
Загрозена јужна Германија – а што прави Австрија?
По десетдневното редовно летно одржување во кое немаше испораки, минатиот четврток на 21 јули повторно протече гас низ Северен тек 1, но сепак само во намалена количина. Како и пред ова одржување, руски Гаспром продолжи да користи само 40 отсто од капацитетот на гасоводот. Сега и тоа ќе се преполови.
Во Германија се стравува дека проблемите со снабдувањето би можеле првенствено да ги погодат јужните делови на земјата. Индустријата сака да знае дали југот ќе биде во понеповолна положба од северот кога станува збор за итна дистрибуција на гас, предупреди на Самитот за гасната криза во Штутгарт Винфрид Кречман (од Зелените), премиер на Баден-Виртемберг.
Во исто време, неговиот колега од Баварија, Маркус Шедер (ЦСУ) ја повика федералната влада да разјасни како во иднина неговата, како и другите германски покраини, ќе се снабдуваат со гас од австриското складиште Хајдах, едно од најголемите во Европа. Ова е реакцијата на баварскиот премиер на најавата на Австрија дека складиштето за гас кај Салцбург, кое досега беше приклучено само на германската мрежа и од кое се снабдуваше Баварија, сега ќе биде приклучено и на австриската мрежа.
ЕУ постигна договор за штедење?
По последната одлука на Гаспром за намалување на испораките, цените на бензинот на берзите повторно пораснаа, повремено и до десет отсто. Европската комисија во последниот потег на Русија гледа доказ колку е потребно итно планирање на европско ниво, изјави портпаролот на Комисијата.
Инаку, министрите одговорни за енергетика во земјите членки на ЕУ, во вторникот во Брисел објавија дека постигнале договор за план за вонредни ситуации. Според информациите на германската агенција ДПА, постигнат е договор за планот предложен од Европската комисија, според кој земјите од ЕУ доброволно би ја намалиле потрошувачката на гас за 15 отсто во периодот од 1 август годинава до 31 март следната година.
Дојче веле – Бон