Поранешниот австриски вицеканцелар, десничарот Хајнц-Кристијан Штрахе, денеска пред суд беше ослободен од обвиненијата за корупција, во вториот судски процес против него од падот на владата во 2019 година поради скандалот во кој ја имаше главната улога.

Во процесот, Штрахе беше обвинет дека обезбедил место во надзорниот одбор на државната компанија Асфинаг, која управува со австриските автопатишта, за бизнисменот Зигфрид Штиглиц во замена за донации за организација блиска до екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО), предводена од поранешниот вицеканцелар.

Судот во Виена денеска ги ослободи и Штрахе и Штиглиц наведувајќи ги како причина недоволните докази.

Штрахе по пресудата рече дека е „благодарен“ и оти „чувствува олеснување затоа што лажните обвинувања беа отфрлени за време на судењето“.

Штрахе беше клучна фигура во „аферата Ибица“, која доведе до пад на коалициската влада на ФПО и конзервативната Австриска народна партија (ОВП) на тогашниот канцелар Себастијан Курц.

Првата влада на Курц падна откако во мај 2019 година се појави видео од шпанскиот остров Ибица, на кое се гледа како Штрахе нуди услуги на наводен руски претприемач доколку купи дел од австрискиот весник Кронен Цајтунг и ја поддржи неговата партија преку тој медиум.

Поради видеото, Курц ја раскина коалицијата со ФПО, од која Штрахе подоцна беше исклучен.

Штрахе минатата година беше осуден за корупција, поради обид да го промени законот во корист на приватна болница во замена за донации за неговата поранешна политичка партија. Во тој процес, Штрахе беше прогласен за виновен за примање поткуп од 12.000 евра и осуден на условна затворска казна од 15 месеци.