Владејачката коалиција во Сенегал соопшти дека освоила 30 од 46 департмани на вчерашните парламентарни избори, додека опозицијата го оспорува тоа.
Шефицата на владејачката коалиција и поранешна премиерка Амината Туре синоќа прогласи победа. „Од 46 департмани во Сенегал, освоивме 30 департмани. Обезбедивме мнозинство за нашиот претседател”, рече Туре.
Градоначалникот на Дакар, Бартелеми Диас од редовите на опозицијата, ги оспори резултатите, тврдејќи дека „опозицијата победила на изборите” и ги повика младите да се мобилизираат за „да ја зачуваат својата победа”.
Официјалните изборни резултати се очекуваат подоцна оваа недела.
Автономната национална изборна комисија, тело задолжено за следење и надзор на изборите, соопшти дека гласањето поминало мирно.