Перуанските парламентарци го принудија претседателот Педро Кастиљо неделава да остане во земјата за да се справи со кризата.

Кастиљо имаше намера да отпатува за Колумбија на инаугурацијата на новиот претседател Густаво Петро, но парламентот го спречи да го стори тоа бидејќи земјата моментално е без влада, а се очекува новиот кабинет да положи заклетва во петок.

Иако на функцијата е само една година, Кастиљо веќе двапати се соочи со импичмент, а некои правници бараа негово отповикување и во овој случај.

Четвртиот премиер поставен од Кастиљо пред два дена неочекувано поднесе оставка, а јавното обвинителство отвори пет кривични истраги против овој земјоделец и поранешен учител, меѓу кои и онаа за можно попречување на правдата поради разрешување на министерот за внатрешни работи.