Демократите во американскиот Сенат го истуркаа својот економски пакет во изборна година за Конгресот. Законот што беше усвоен беше резултат на тежок компромис и е помалку амбициозен од првичната домашна визија на претседателот Џо Бајден, но сепак ги исполнува врвните демократски цели како што се забавување на глобалното затоплување, ограничување на трошоците за здравствена заштита и минимално оданочување на големите корпорации, јавија американски медиуми .
Очекуваниот пакет од 740 милијарди долари се упатува кон Претставничкиот дом, чии членови се подготвени да ги поддржат приоритетите на Бајден.
„Денес, демократите во Сенатот застанаа со американските семејства”, рече претседателот Џо Бајден во изјавата од државата Делавер. „Се кандидирав за претседател со ветување дека владата повторно ќе работи за работничките семејства, а овој предлог-закон го прави токму тоа”, додаде шефот на државата, кој беше сенатор три децении.
Претседателот го повика Претставничкиот дом да го усвои законот што е можно поскоро.
Гласањето во Претставничкиот дом се очекува в петок.
Предлог-законот што беше усвоен не е толку силен како предлогот на Бајден за обнова на американската инфраструктура и помош на семејствата, но нацрт-законот за компромис се уште е значаен потфат. Мерките во него вклучуваат ограничување на трошоците за лекови што ги плаќаат возрасните на 2.000 долари, помагање на Американците да платат за приватно здравствено осигурување и околу 375 милијарди долари за борба против климатските промени.
Речиси половина од собраните пари, 300 милијарди долари, ќе одат за отплата на федералниот дефицит.
Сето ова во голема мера се плаќа со нови корпоративни даноци, вклучително и минимален данок од 15 отсто за големите корпорации за да се осигури дека нема да пропуштат да плаќаат даноци.
Не е јасно дали Законот за намалување на инфлацијата од 2022 година воопшто значително ќе ги намали инфлациските притисоци, но се очекува милиони Американци да видат одредено олеснување во здравствената заштита и другите трошоци, јавија американските медиуми.
Предлог-законот од повеќе од 700 страници беше усвоен со строго партиско гласање во поделениот Сенат, при што сите демократи гласаа за, сите републиканци гласаа против (50-50), а потпретседателката Камала Харис го обезбеди одлучувачкиот глас за усвојување.