Русија денеска изврши успешно лансирање ирански сателит во земјината орбита.

Ракетата-носач „Сојуз” со иранскиот сателит „Хајам” е лансирана од космодромот „Бајконур” во Казахстан што моментално го користи Русија.

Иран соопшти дека сателитот е опремен со камера со висока резолуција и останува под целосна иранска контрола. Уште се нагласува дека ниту една друга земја нема да има пристап до информациите што ќе ги обезбедува сателитот, како и оти истите нема да се користат за воени цели.

Доколку сателитот биде успешно оперативен, ќе му овозможи на Иран да го надгледува Израел и другите земји на Блискиот Исток.

Шефот на руската Државна вселенска компанија „Роскосмос”, Јуриј Борисов, изјави дека лансирањето е значаен момент во соработката меѓу Москва и Техеран.

Иран покрај цивилната има и воена вселенска програма, што предизвикува загриженост во САД дека Техеран би можел да го искористи сателитот за да ја унапреди својата програма за балистички ракети.

Изминатите години Иран имаше неколку неупешни обиди за лансирање сателити во орбитата.