На градската тврдина во Славонски Брод, во рамките на традиционалниот Славонија фест – CMC 200, викендов битолскиот состав „CODE 369“ во живо го промовираа својот деби-албум „Stages of Love“, објавен под закрилата на „Кроација Рекордс“.

Како што информираат од регионална издавачка куќа, албумот „Stages of Love“ содржи дванаесет песни, и тоа е првиот албум што го создадоа и снимија под името „CODE 369“ (КОД 369). Нивната музичка мисла е секогаш на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музиката, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардни идеи на првите категории и прифатливоста на другата.

„CODE 369“ е македонски бенд од Битола, формиран во 2020 година. Тие се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на „Памперс“, Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали) и Иле Лулевски (тапани, придружни вокали).

Бендот летово потпиша и петгодишен ексклузивен издавачки договор со „Кроација Рекордс“. На нивната работна посета во Загреб тие го снимија и првиот сингл на хрватски јазик, со наслов „Права љубав“.