Градоначалниот Тимчо Муцунски вчеравечер беше во посета на граѓаните околу ТЦ „Бисер“ организирана од Општина Аеродром, СВР Скопје и Полициската станица - Аеродром, а на која жителите добија совети за начините за заштита од кражби.

„Заедно до поголема безбедност“ е заедничка акција чија цел е да ја подигне свеста кај граѓаните за можните кражби и за начините на кои аеродромци можат да се заштитат себеси и својот имот. Жителите од овој дел на Аеродром директно од полицијата добија флаери со упатства за тоа како да го заштитат својот дом, како да се заштитат од џебни кражби, како и од кражби во автомобил.

Граѓаните во случај да се жртви од крадци или доколку имаат некакви информации поврзани со вакви дејства да пријават на бројот 192 каде што ќе добијат стручна полициска помош.

Вакви средби Општина Аеродром и полицијата ќе организираат и во наредниот период на повеќе локации со цел едукација на граѓаните, како и зголемување на чувството за безбедност на жителите.