Валерија Бертесина, истанат ликовен уметник од Италија и Владо Ѓорески, графички уметник и кустос, вработен во НУ Завод и Музеј-Битола, приредија изложба на современа графика „Огледало – лице в лице“.
Изложбата во мај и јуни беше презентирана во Вила Калдоњо – благородничка сала (Villa Caldogno, Salone nobile) во Виченца, а од денес е пренесена пред македонската јавност и изложена во битолскиот Офицерски дом.
-„Огледало – лице в лице“ е исклучително значаен проект кој што се одржува секоја година и е целосно поддржан од УНЕСКО. Изложбата содржи избор на дела од над 460 значајните автори од Естонија, Чиле, Србија, Јапонија, Португалија, Бугарија, Холандија, Македонија… Сметав дека кругот треба да се затвори тука во Битола, во појдовната земја и да се овозможи нов почеток. Затоа за изложбата која е едно своевидно враќање на корените но и желба за нов почеток, слободно ќе речам – добредојде назад во Македонија, истакна гостинката од Италија, уметницата Валерија Бертисана.
Според кустос Владот Ѓорески, претставувањето на македонската ликовна уметност во рамки на овој проект, претставува многу значајно меѓународно признание на делата на македонските автори, како и репрезентативна соработка со италијанската творечка елита.
– Изложбата „Огледало – лице в лице“ е значајна мисија но и своевиден манифест на творештвото кој сигурен сум во овој момент е единствен во Европа. Ова преплетување на творештвото на државите создава значајна историска, духовна, креативна и творечка состојба која е исклучително потребна во ова денешно време, рече меѓудругото Ѓорески на промотивниот настан во Битола.
Публиката во Битола има можност да се запознае со најновите остваруввања на 30 автори од Италија, меѓу кои Серџио Биголини, Лука Бруно, Мартина Карола, Ана Коколи, Валентина Формисано, Паоло Гидони, Марцела Миранда, Масимо Спадари, Џовани Тедесчини, Марта Вивани, како и македонските уметници Атанас Фотев, Ладислав Цветковски, Славица Јанешлиева, Јана Луловска, Марија Светиева, Жанета Вангели, Илија Трајковски, Маја Анастасова, Сашо Блажес, Мирослава Цветковиќ, Домен Димовски, Валентина Илијевска, Стефан Јакимовски, Маја Киркова, Владимир Симоновски, Шкипе Мехмети, Горан Ристовски, Драганчо Таневски и Владо Ѓорески.
За изложбата „Огледало – лице в лице“ изготвен е каталог на над 100 страници, со текстови од Франческа Тресан претседател на УНЕСКО Италија, д-р Лили Бошевска- директорка на ЈОУ Културен и информативен центар Битола, која воедно ја отвори изложбата во овој град.