Во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар в петок премиерно ќе биде изведена претставата „Младоста пред суд“ од Културното здружение „Дунек“.

„Младоста пред суд“ е општествено-политичка и социјална драма со трилер реалистични моменти.

Дејствието се случува по Втората светска војна во Амстердам, а се однесува на истрагата за убиството на познатиот политичар, новинар и јавен работник, Едвард Мастерс.

Осомничени се тројца млади, помеѓу кои и една малолетничка.

Покрај убиството, дејствието истовремено го доловува општеството, изградбата на државата по војната и вредностите кои истата ги застапува.

Ова е претстава за судбината на децата, но, исто така, и за родителите.

Улогите ги толкуваат Судијата – Нинослав Нанков, Инспекторка Клара Деверт – Нада Спасеска, Инспекторка Де Брин – Теодора Волческа, Марија Далдерс – Марија Пандиловска, Пит Ван Дорн – Филип Срезоски, Герарт Никерт – Митко Тофилоски, Ана Далдерс – Ивана Мерџаноска, Гертруда Петронела Хогендорс -Теодора Матеска и Полицаецот – Александар Билбилоски.

Претставата е во режија на Ѓорѓи Нешкоски, а техничкото водство е на Александар Нешкоски.

Покрај премиерата на 30 септември од 20 часот во Центар за култура „АСНОМ“ во Гостивар, претставата во исто време и на исто место ќе биде изведена и утредента, на 1 октомври.