Центарот за аудиовизуелни уметности „КААРТС“ Крива Паланка организираше јавна дебата за алтернативни простори за културни настани. Дебатата се одржа во локалната установа Градски музеј Крива Паланка, а панелисти беа Натали Велеска, ахитект и Ѓорги Костовски, историчар на уметност.

-Крива Паланка има неколку соодветно уредени простори за културни настани, но недостасуваат алтернативни места каде ќе се одвиваат поразлични форми на уметничко изразување и презентирање. Главно недостасуваат мали сцени за камерни настани и за мултимедијални проекти, а има потенцијали одредени постоечки локации да се уредат во нови алтернативни простори за културни содржини, заклучија учесниците на јавната дебата, но и граѓаните што одговорија на онлајн прашалникот, информира Методи Цветковски од Центарот за аудиовизуелни уметности Крива Паланка.

Како потенцијални простори за алтернативна културна сцена беа посочени: испосницата на „Св.Јоаким Осоговски“ во село Градец, манастирот „Св.Јоаким Осоговски“, недовршената сала кај мотел „Македонија“, предворјето на градската црква „Св. Димитриј“, коритото на Крива Река, запуштените фабрички хали и други неискористени објекти од затворен и отворен тип.

Јавната дебата беше проследена со изложба на фотографии од алтернативни простори, концепти за преуредување на локациите и концерт на „Игуана бенд“.

Настанот е дел од проектот „Здружени за активно граѓанство“, што го спроведува НВО Инфоцентар, со поддршка на Европската Унија.