По цели 20 години се пробива крак на улицата „Партизанска“ во Дебар Маало , со што граѓаните на тој потег ќе може непречено да стигнуваат до своите домови, информираат од Општина Центар.

-Оваа ново проектирана улица која се пробива и поврзува со улицата „Партизанска“ навистина е од огромно значење за граѓаните на тој потег бидејќи сега практично без заобиколување граѓаните ќе може да си дојдат дома. Воедно, ова пробивање претставува и подобрено сообраќајно решение на улицата „Партизанска“ во поглед на безбедноста на патниците и пешаците, но и за непречен транспорт на сите возила важни за потребите на граѓаните како Брзата помош, противпожарните возила, возилата на Пајак службата, комуналните возила и други – изјави Герасимовски.

При проектирањето на улицата Општина Центар се водеше по концептот на хумано живеење на сите граѓани во потесниот реон со запазување и унапредување на сите аспекти на хуманото урбано живеење, без исклучок.

-За таа цел, Општина Центар ја информира јавноста дека отстрането е едно дрво кое беше исушено, а пресадени во Зоолошката градина се три возрасни дрвја, кои се јавно зеленило на предвидената траса, согласно Правосилно решение, издадено од Град Скопје на 13.10.2022 година. Согласно Решението и определбата на општината за зголемување на јавното зеленило и површини како врвен приоритет, Општина Центар ќе изврши компензациско садење на дрвја постари од шест години, со вкупно двоен пречник од постоечките. Односно, по завршување на градежните работи, Општина Центар на ново проектираната улица ќе засади шест високо квалитетни, повеќе годишни и развиени дрвја, вградени во двата предвидени тротоари за движење на пешаци – се вели во соопштението на Општина Центар.

Од Општината најавуваат дека во пролетниот период следната година ќе извршат дополнително хортикултурно уредување на потегот на улицата со засадување на садници, кои ќе влијаат на подобрување на изгледот на улицата и ќе придонесат за намалување на бучавата.