Во Музејот на Република Македонија–Скопје денеска ќе се одржи промотивен настан со фокус на сеопфатно истражување на првото македонско женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“, во организација на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), во партнерство со Музејот на Република Северна Македонија и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

Настанот соединува две главни содржини: изложба на уметницата Христина Иваноска, насловена „Документот кој недостига“. Изложбата е во рамките на програмата на 10-то издание фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и Тркалезна маса насловена „Перспективи на истражувањето на првото македонско женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“: индивидуална, институционална и јавна димензија“. Оваа јавна дискусија е по повод промоцијата на зборникот на научни трудови во издание на ЦИНИК-Скопје, насловен „Архиви на невидливите: „Македонка – Орган на АФЖ“ (1944-1952): историски искуства и културна меморија“.

– Зборникот тематски и критички пристапува на историјата на списанието „Македонка“, а го изготви тим од пет истражувач(к)и, и тоа Ивана Хаџиевска (политичка историја), Јана Коцевска (социјални аспекти), Дарко Леитнер-Стојанов (образовни процеси), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Во зборникот се застапени релевантни излагања на регионални истражувачки, низ предговорот на д-р Ивана Пантелиќ (Институт за современа историја на Србија, Белград) и поговорот на д-р Јелена Милинковиќ (Институт за литература и уметност, Белград).

На тркалезната маса ќе дискутираат неколку панелисти: м-р Ивана Хаџиевска, соуредничка на зборникот, Јана Коцевска, соуредничка на зборникот, д-р Дарко Леитнер-Стојанов, автор на зборникот, м-р Христина Иваноска, авторка на изложбата, д-р Јелена Милинковиќ – успешни примери на истражување женска периодика, Вера Бунтеска – поранешна претседателка на Сојузот на борци и современичка, д-р Билјана Котевска – експертка за родова еднаквост и јавни политики, м-р Душица Лазова – соуредничка на Медуза.мк прва македонска дигитална, феминистичка платформа.

Настанот се организира во рамки на проектот Архиви на невидливите на ЦИНИК-Скопје, поддржан од Фондација Хајрих Бел и Министерство за култура на Република Северна Македонија. Изложбата е во рамки на 10-то издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО во организација на Тиииит! Инк.