„Боите на мојот град“ е насловена првата самостојна изложба на Филип Јовески од Прилеп, што ќе биде отворена вечер во фоајето од прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“. Изложбата на слики во комбинирана техника, работени во 2022 година, на кои се претставени значајни објекти, градски визури и пејзажи од градот Прилеп ќе биде отворена до 18 ноември.
– Изложбата претставува кулминација на истражувањето на архитектонската форма низ илустрација и слика, искажано преку синергијата на двата аспекти од моето творештво: архитектурата и уметноста, вели авторот.
Филип Јовески е дипломиран инженер архитект, магистер по архитектура. Има проектирано повеќе значајни објекти во земјава и во Германија. Учествувал на повеќе ликовни групни изложби и проекти, како и на уметнички колонии за вајарство и сликарство. Член е на ДЛУП. Во последните неколку години освен како архитект, работи и како дизајнер, илустратор на детски книги и концепт артист за графички новели.