Ќе продолжи реконструкцијата на кумановскиот театар, најавија денеска надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“, пренесувајќи информација која ја добиле од ресорното министерство. Претходно, пак реагираа актерите кои побараа да продолжи реконструкцијата на објектот.

- Според последните најави на надлежните реконструкцијата ќе продолжи, по обезбедување на средства од владината програма за капитални инвестиции по предлог на Министерството за култура. Средствата за реконструкцијата на објектот не се вметнати во годишна програма за реализација на манифестации кои ќе се спроведат во НУЦК „Трајко Прокопиев“. За годинава за околу 40 манифестации одвоени се четири милиони и 150 илјади денари, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Актерите од кумановскиот театар реагираа преку соопштение во кое бараат да продолжи третата фаза од реконструкцијата. Тие во соопштението прашуваат зошто не се објавени средства за реконструкцијата, откако завршија две фази на санација и во година кога театарот одбележува 75 години од постоењето.

-Сакаме да укажеме на итноста да не се пролонгира реконструкцијата на нашиот театар до недоглед. Сметаме дека Министерството за култура е запознаено со нашиот комплексен проблем од кој зависи животот и иднината на Театар Куманово и бараме сериозно разгледување на ситуацијата и објаснување зошто оваа година не сме во приоритетни инвестиции, како и одговори на прашањето какви се плановите на Министерството за нашиот театар? Театар Куманово сепак е Национална институција која се занимава со продукција на култура, и како таква има право да работи и да се развива во нормална и здрава средина, рамо до рамо со другите државни театри во земјава, а Министерство за култура има обврска да ги обезбеди условите во кои истиот непречено ќе работи, велат актерите.

Првата фаза од реконструкцијата на објектот местен во центарот на градот почна летото 2021 година, која опфаќаше санација и преадаптација на темелите, гледалиштето, сцената опфаќајќи ги канцелариите, помошните простории, кабините за тон, светло. Втората фаза почна лани во февруари.