„Јас за мама - мама за мене" е насловена ликовната изложба со цртежи од дечињата од градинката „Фемо Кулаков", што синоќа беше отворена во Музеј на град Неготино. Настанот беше во организација на предучилишната воспитна установа и Совет на родители, во соработка со културната институција, во пресрет на 8 Март - Меѓународниот ден на жената.
- Дечињата од големите групи од нашата градинка, со многу љубов и поттик од своите воспитувачки го покажаа својот талент и се обидоа да ги насликаат своите мајки. Од друга страна, мајките ги насликаа своите најмили дечиња, рече Бети Димова, директорка на градинката.
Пред присутните се обрати и Кристина Ставрова, претседателка на Совет на родители. Директорката на музејот, Драгица Чекорова, нагласи дека оваа установа од областа на културата има широко отворени врати за соработка со сите субјекти, со цел промовирање на историјата, културата, традицијата, едукацијата, но и откривање на млади и надежни таленти од културната сфера.