Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги додели признанијата и наградите на учениците што напишаа најдобар есеј избрани на конкурсот на МОН на тема „Мојот јазик - мост помеѓу мене и тебе”, на кој се пријавиле над 1500 ученици, соопшти Министерството за образование и наука.

Право на учество на конкурсот имаа учениците од шесто до деветто одделение од основните училишта во државава. Есеите се пишувани на јазикот на кој ученикот ја следи наставата во училиштето односно на шест јазици. За најдобрите есеи т.е. за освоено прво место, информира МОН, беа доделени таблети и блутут-слушалки за освоените второ и трето место.

Шаќири изјави дека МОН на овој начин ја поттикнува креативноста и љубовта кон пишаниот збор кај најмладите.

- По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - 21 февруари, првпат отворивме јавен повик за најдобар есеј на којшто се пријавија повеќе од 1500 ученици од основното образование со оригинални есеи напишани на македонски, албански, турски, босански, српски и англиски јазик, изјави министерот.

Како што соошти МОН, учениците и родителите изразија благодарност за иницијативата да се организира конкурс од ваков тип, со што се поттикнува креативноста и натпреварувачкиот дух кај децата, но, пред се, се негува мајчиниот јазик.

Благодарници им беа врачени и на наставниците членови во комисијата за избор на најдобри есеи.

Конкурсот за избор на најдобри есеи „Мојот јазик - мост помеѓу мене и тебе” беше организиран по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик/Денот на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност - 21 февруари.