Пиесата „Нема струја за електричниот стол“ од современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски синоќа имаше одлична премиера во изведба на актерите Васил Зафирчев и Исидор Јованоски на сцената „Петре Прличко“ во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, кои од бројната публика во полната сала на крајот од 90 минутната изведба беа наградените со долг и силен аплауз, оваци и враќање на бис, заедно со целата екипа на претставата.
Музиката беше на Сашко Костов кој во живо со разни рециклирани инструменти и гласовна изведба ја пратеше играта на двајцата актери. Драматург е Сашо Димоски, Филип Коруновски автор на сценскиот дизајн и плакатот на претставата а камерите на Данчо Стефков и Александар Костов.
Инаку оваа е втора соработка на режисерот Дејан Пројкоски по минатогодишната претстава „Инферно“која е изведена со голем успех и за која се уште има голем интерес кај публиката. Дејан Пројковски е еден од најзначајните театарски режисери во регионот. Во неговото портфолио стојат голем број маркантни наслови од историјата на светската драма и книжевност, реализирани во најзиначајните театарски куќи, закитени со најважните театарски награди.
Режисерот Дејан Пројковски во изјавата за МИА појаснува дека претставата „Нема струја за електричниот стол“ има неколку слоја, а една од важните работи што се водел како режисер е прашањето уште од Сократ од која страна се решетките-затворот и од која страна е слободата.
-Така што целата тема меѓу џелатот и жртвата или обвинувањето или судењето е без да ја знаеме неговата историја. Секој човек кој го среќаваме на улица е посебен универзум сам за себе и има своја приказна.Оваа претстава зборува токму за тоа, некако Диоген претставата среде бел ден тргнува да го бара човекот, односно човечкото во човекот, потенцира Пројковски.
Тој потенцира дека сметал дека самата форма на претстава треба да има многу детали. Токму затоа го има и тој видео формат зад глумците каде што може да се гледа секој допир да се почувствува секој здив, секој поглед.
-Затоа што мислев дека во еден мал простор, двајца луѓе коишто треба да поминат еден час или можеби една вечност, затоа некако публиката треба да ги лови сите тие детали, нијанси на паѓање на издивнување на душата, појасни Пројковски.
Тој информира дека работел на текст на бугарскиот автор Александар Секулов, кој моментално е еден од најголемите драматурзи не само во бугарскиот туку и во европскиот театар, кој кога ја напишал претставата добил награда за најдобар текст во Бугарија.
-Претставата е поставувана и во Чикаго,па се надеваме на негова идеја дека можеби и во тој театар ќе ја покажеме нашата претстава. Ние се обидовме да создадеме претстава којашто ќе излезе од сите наши остварувања. Јас после „Инферно“ во велешкиот театар запознав една група прекрасни луѓе и уметници, освен од актерите коишто се прекрасни. Тука е Сашко Костов еден голем композитор и уметник, Филип Коруновски, Данчо Стефков со камерата. Уметници кои сите заедно во овие два месеци се споивме и почнавме да го градиме тој наш свет. Многу ми е драго што вечерва публиката тоа го препозна и ја споделивме заедно таа приказна од којашто понекогаш се стега и желудникот, кога се слуша што се зборува и што се случува. Но во една претстава со една универзална порака да се пронајде смислата во животот, бидејќи трчајќи човекот во секојдневието некако заборава дека всушност што она никој никогаш не може да ти го врати тоа се оние обични денови на кои забораваме да се радуваме, порача режисерот Пројковски.
Тој најави дека во септември годинава со оваа претстава ќе настапат на меѓунардниот фестивал „Сцена на крстопат“ во Пловдив Република Бугарија.
Актерот Васил Зафирчев за МИА по успешната изведба се заблагодари од срце на публиката и е среќен што видел задоволни лица.
-Актерската професија има постојано и врвови и падови. Ова веројатно е еден од врвовите за 42 годишен актер со повеќе од 25 годишно искуство веројатно. Пред се’ тоа се должи на фантастичниот текст на големиот бугарски автор Секулов наш пријател и духовен брат по професијата. Но секако се должи на партнерот со кој учествуваме, мислиме, дишеме како еден. Се разбира на режисерот кој сето ова го издигна на едно многу високо универзално ниво, а тоа го надминува и она што е драмски формат на самиот текст, како авторот драмски ја обработува темата, а што ние всушност направивме од неговиот текст во претставата, потенцира Зафирчев.
Младиот, а веќе афирмиран битолски и македонски актер Исидор Јованоски во изјавата за МИА, потенцира дека иако во оваа професија и за оваа претстава имаше многу напор и труд сепак кај него преовладало задоволство.
-Тоа е така бидејќи бевме една екипа која ја склопивме и створивме некој заеднички јазик, кој апсолутно се покажува на сцена и се покажа и после вечерашната премиера. Многу ми е драго што постапуваме на еден неконвенционален начин пред се ’ бидејќи тоа и му треба на театарот и театарот самиот по себе бара неконвенционалности, бидејќи доколку бара коненционални работи станува збор за ограничување, за ограничени средства и инспирации. Театарот не го бара тоа, театарот бара да расте во секој момент. Многу се радувам што доста математички прецизно е тешка оваа претстава колку и да изгледа лесна, сепак можам да кажам дека се занимававме и со метафизика. Оти следиме многу повеќе работи на сцената не само актерите туку и целата екипа, потенцира актерот Јованоски.
Композиторот Сашко Костов кој ја изведе музиката на претставата во живо за МИА, појасни за да ја подготви музиката која е многу комплицирана не му било тешко бидејќи со актерот Васил Зафирчев се долгогодишни соработници и се како како тандем актер-музичар.
-Мене ми е ова втора соработка со режисерот Дејан Пројковски и целосно се најдовме на сцена. Повторно користев инструменти од рециклирачки материјали од канти, детски креветчиња, имав ПВЦ цевки и како круна на сето тоа направив еден саун дизајн кој е составен од две инфузии и тие се наместени различно со стеги да капат во метална канта. Така што тие капки ги дизајнирав како звучен дизајн, појасни Костов.
Оценува дека претставата одлично помина и секогаш е прекрасно чувството кога треба да свири во живо затоа што ја доловува динамиката,ја потполнува тишината,ја уцврстува тежината на материјата.
Тој појасни дека овој пат било многу поразлично работејќи во „Пеколот“,овде соничната естетика била многу поразлична и многу помека со тоа што на лупер создавал вештачки хор.Всушност пеел и на сето тоа наснимува едно врз друго за да на крајот дојде звучна слика од хор составен од шест до осум хористи.Тој цело време пее во претставата и свири на цевки ПВЦ ,канти и инфузија и го следи секое движење на актерите и го поткрепува со соодветна музика.