По повод Меѓународниот ден на културното наследство денеска има слободен влез за посетителите на осумте музејски поставки во Прилеп. Од прилепскиот „Завод и музеј“ се задоволни со денешните посети, особено на ученици и на децата од предшколска возраст.
-Задоволни сме од посетеноста, а нашите кустоси објаснуваат и ги раскажуваат приказните за нашето богато културно наследство. Меѓу осумте поставки се: Меморијалниот музеј 11 Октомври, археолошката, етнолошката, поставката на роднокрајното музичко творештво, Галеријата на икони, спомен куќата на Кузман Јосифоски Питу, Музејот за тутун, Мапидариумот во кругот на Музејот. Најавени ни се посети и на средношколците од попладневната смена. Целта ни е да едуцираме, особено меѓу младите за огромното културно наследство, вели Горан Цветкоски, директор на „Завод и музеј - Прилеп“.
Дел од граѓаните се пред музејските докази за културното наследство, други, немале време, трети се за поголемо вложување во археолошките истражувања и едукацијата и да има повеќе стручни водичи. Музеите се одраз на културата на народот и неговото опстојување на овие простори.
- Недостасуваат водичи, точно е. Нашите кустоси се постојано на располагање, едуцираат и ги раскажуваат приказните за богатото културно наследство. Во Музејот работиме ревносно на презентација на наследството, вели директорот на „Завод и музеј - Прилеп“.
Во текот на 2022 година прилепските музејски поставки ги посетиле околу 4 000 гости. Меѓу поставките кои посебно го привлекуваат вниманието, особено на странските посетители е Музејот за тутун, кој годинава одбележува 50 години постоење.