Македонско-хрватско друштво (МХД) Тетово во соработка со Заедница на Хрвати од Штип организираат изложба на музејска поставка во Тетово на која ќе се прикажа традиционалното минато на хрватската заедница. Настанот ќе се одржи во поранешниот Дом на АРМ- сега Музеј на тетовски крај во сабота 22 април.
-Поставката е збир на стари предмети, ковчег со ткаенини, ракотворби, традиционални носии, чипки и други предмети кои датираат од 50-тите години од минатиот век, а нивното потекло се поврзува со доаѓањето на Хрватите во Штип. Носиите се од Ѓаково и од Далмација, информира Марко Видачек, секретар во МХД Тетово.
Музејската поставка ќе биде проследена со настап на градскиот хор „Штип 2019“, а настанот започнува од 18 часот.