Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми извршија увид на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, значајна патна артерија од Коридорот 8, еден од Паневропските коридори, што е стратешка определба на Владата за изградба и модернизација.

Должината на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка е 24,5 километри, а инвестицијата е со вкупна вредност од 62,5 милиони евра, средства обезбедени преку Светска Банка.

-Инвестираме во модерни, ефикасни удобни патишта што ќе го скратат времето на патување и ќе се заокружи транспортниот коридор 8 како еден од клучните, заедно со коридор 10Д и претставуваат најголем инфраструктурен проект на државата. Се наоѓаме на делницата Чатал-Длабочица, заедно со министерот Бочварски и директорот на ЈПДП, Рустеми за да ја поздравиме динамиката на градба. Со изградбата на овој експресен пат ќе се скрати времето за патување, ќе се обезбеди и покомфорно патување, побрз транспорт на овие делници. Очекувам до средина на следната година да се заврши градбата согласно роковите, за да граѓаните час поскоро да ги уживаат бенефитите од модерни патишта како сите Европски граѓани. Обезбедување модерни патишта е наш приоритет број еден, за побрзо патно поврзување на државата што ќе донесе далекусежни придобивки од поврзување со пристаништата во Варна на исток и Драч на запад и тоа ќе претставува успех за Северна Македонија, просперитетна и стабилна, привлечна за нови странски инвеститори држава и отворање работни места, рече премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека модернизацијата на патните коридори ќе влијае и на подобрување на економијата, туризам, угостителството и останати сектори.

- Ниту економската криза не не поколеба во оваа насока, во последните три години и услови на светска здравствена и економска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра инвестирани во изградба на околу 44 регионални, локални патишта, преку 1 милијарда евра за рехабилитација на патишта, а реализацијата на капитални инвестиции лани е 465 милиони евра, што споредено со 2014 година изнесува 46 проценти повеќе. Дополнително, на овој регион се инвестира и во изградба на железницата од коридор север-југ, ги подобруваме нашите поврзувања со Европа, нашата држава да се позиционира во успешна и безбедна транспортна рута и овозможуваме подобар квалитет на живот на сите граѓани со оваа делница, рече Ковачевски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски посочи дека како држава и Влада имаме цврста стратешка определба да се реализира модернизацијата на коридор 8, еден од стратешките коридори што ќе обезбеди модерна и безбедна патна инфраструктура.

-Ќе се овозможи олеснет транспорт на стока и патници, а се обезбедуваат и подобри економски услови за компаниите. Ќе се забрза транспортот кон исток. Денес сме на увид Ранковце-Кр Паланка- прва делница Чатал-Длабочица, а в тората делница е Длабочица - Крива Паланка со инвестиција над 62 милиони евра.Дополнително и со трета лента се проширува патот Крива Паланка Деве Баир и ќе имаме добар пат кон Бугарија. Оваа клучка не е безбедна каде се наоѓаме, но со новата мостовска конструцкција ќе се добие поголема безбедност. Задоволен сум од „Штрабаг“ и очекувам да ги заврши работите во рокот. Во овој регион нема пат што не е рехабилитиран, лани во 2 делници се рехабилитираше Куманово -Страцин, 11,9 милиони евра, активнос е работи проширување со трета лента до Деве Баир, вредноста е 12 милиони евра, мора да споменам и патот Куманово-Св.Николе, Искрин мост, обиколница кај Куманово и горд сум што нашите политики даваат конкретни резултати и бенефити за граѓаните. Исто така е значајна инвестицијата во западнито дел од државата, пругата се започна со околу 200 милиони евра, се инвестира во инфраструктурата што ќе даде шанса за економски раст и развој, изјави Бочварски.

Според директорот на ЈПДП, Рустеми, изградбата на овој експресен пат што почна 2018 година и се работи во две фази: 15,5 километри до Длабочица и девет километри Длабочица- Кр.Паланка сега по отстранетите потечкотии , новите изведувачи имаат одлична динамика на изведување.

-Првата делница е со ширина на коловоз 12.5 метри, втората 11.4 метри и по една помошна лента во секој правец, со што во иднина лесно може да прерасне во автопат. Значиктелно ќе се скрати времето на патување. Штрабаг на првата делница има 65 отсто реализација, вредноста е 32 милиони евра, а втората делница е со вредност 30.5 милиони евра, со реалзиација на околу 85 проценти, изведувач е Гранит, посочи Рустеми.

Според него, рокот за изведба е јуни 2024 година и очекува да биде запазен овој рок.

Изминатиот период, посочи, рехабилитирани се 32 км со инвестирани 13 милиони евра на патниот правец Куманово - Страцин. Ранковце-Крива Паланка рехабилитирани се 21 километар и 13 километр со средства од ЕБОР , 12 милиони евра за патот Крива Паланка – Деве Баир.