Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски смета дека е прерано ДДВ-то за струјата на домаќинствата да се врати од 10 на 18 проценти.
Како што рече Бислимоски, ДДВ-то од 10 отсто треба да остане барем до крајот на годината, па дури потоа да се разгледуваат можностите за негово враќање.
За разлика од него, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостување во Утринска на Телевизија Телма кон крајот на мај месец истакна дека стапката на ДДВ од 10% за електричната енергија постепено ќе се враќа на 18%.
Министерот за економија, Крешник Бектеши пак, исто така во текот на минатиот месец истакна дека и ДДВ-то да се врати на 18 %, тоа нема да ги зголеми сметките на граѓаните, туку со новиот модел може и да ги намали. Регулаторната комисија за енергетика веќе имала анализи за тоа, но ќе бидат соопштени откога Владата ќе ги разгледа, потенцираше Бектеши.
Во гостување на „Топ тема“, претседателот на РКЕ информира дека е побарано од Електродистрибуција во наредните година - две сите броила во државата да бидат „смарт“, за да престане тензијата кај потршувачите.
-Ќе има далечинско отчитување, од 00:01 часот на 1-ви до 23:59 во последниот ден од месецот за да се тргне таа пракса во претплата. Мене ми смета кога се жалат потрошувачи кои реално се во претплата и на некој начин го финанираат универзалниот снабдувач. Со овој потег што ќе се преземе, ќе престане овој проблем да прави нервозни ситуации кај пшторшувачите, истакна Бислимоски.
Според него, блок тарифите засега дадоа добри резултати и има сериозно намалување на потрошувачката на струја.