Земјите од регионот да ја интензивираат соработката за да привлечат што повеќе странски инвестиции, но и да сторат се за да ги „отклучат“ своите потенцијали - да ги зајакнат институциите, тие да бидат транспарентни и доверливи, но и да овозможат законски натпревар меѓу потенцијалните вложувачи, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од Преспа форумот што се одржува во Струга.

На сесијата „Трасирање на патот кон просперитет: економско-финансиски стратегии за раст на Западниот Балкан“, Битиќи, кој воедно беше и домаќин, потенцира дека сега е вистинско време тоа да се направи. Нема повеќе простор, напомена, и натаму да се одложува.

-Да ги отклучиме сите инвестиции во Западен Балкан, да ги отклучиме потенцијалите што постојат. Сега е вистинско време кога можеме да го направиме тоа и имаме можност. Немаме простор понатаму да одложуваме. Да се фокусираме на енергијата, на безбедноста и финансиите. Тоа треба да биде наш прироитет. Да се прашаме дали како регион моежеме да се отвориме во делот на инвестициите и дали можеме да отвораме можности за соработка. Клучлно е да ја интензивираме соработката за да ги отклучиме потенцијалите во регинот, истакна Битиќи, оценувајќи дека се повеќе се зголемува свеста во регионот за имплементирање ефективни економско-финансиски политики кои се најзначајни, пред се, од аспект на задржување на младите.

Вицепремиерот се осврна и на ЕУ. Северна Македонија, рече, точно знае каде сака да оди и да биде во иднина. Во таа насока ги „отклучува“ можностите и шансите, но донесува и конкретни одлуки.

-Точно занеме каде сакаме да се видиме во иднина, а тоа значи дека ја отклучуваме таа можност, ги отклучуваме тие шанси, донесуваме одлуки за да бидеме таму. Зборот „амбициозен“ не го кажуваме само декларативно, напротив, Тоа е единственото нешто што од нас го очекуваат идните генерации, потенцира Битиќи.

Панелисти беа и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии на Црна Гора Александар Дамјановиќ, министерот за економија Крешник Бектеши, како и Ивана Живковиќ од УНДП.

Како што оцени Дамјановиќ, сите земји од регионот би биле поатрактивни за инвеститорите заедно, отколку кога би настапувале сами. Тој го истакна проблемот со одлив на млад кадар од земјата, но посочи и дека голем проблем е ниската искористеност на ИПА фондовите.

-Недостиг на кадар има дури и во туризмот и градежништвото. Тоа е генерална закана за целиот регион, во моментов и најопасана. Неопходно е брзо да се регира и да се дефинира стратегија. Да бидеме иновативни, да соработуваме и да разменуваме добри практики, во тоа лежи клучот за Западен Балкан, рече министерот.