Народната банка води соодветни политики и презема мерки преку коишто се обезбедува постепено намалување на ценовните притисоци и се зајакнува отпорноста на банкарскиот систем во услови на продолжена неизвесност. Ова се дел заклучоците од денешната средба на гувернерката и вицегувернерите на Народната банка со новоназначениот шеф на Канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд во Скопје Себастијан Соса и со досегашната шефица Стефани Ебле, која заминува на нова функција.

Како што известуваат од кабинетот на гувернерката, во однос на банкарскиот сектор, на средбата било нагласено дека сите расположливи показатели за ликвидноста, капитализираноста и квалитетот на портфолиото на банкарскиот систем упатуваат дека тој и натаму е сигурен и стабилен.

Покрај тоа, истакнале дека со макропрудентните и микропрудентните мерки на Народната банка преземени досега дополнително јакне капиталната позиција на банките, а се подобрува и квалитетот на побарувачката на кредити, и дека ефектите и ефикасноста на мерките се видливи преку растот на капитализираноста на банките и историски ниското ниво на лоши пласмани во нивните портфолија.

Претставниците на ММФ нагласиле дека во услови на продолжена неизвесност, овие политики на претпазливост на Народната банка, коишто даваат резултати, треба да се применуваат и понатаму.

Во рамките на средбата се донел заклучок дека централната банка успешно ја одржува стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност, и покрај последователните кризи. Исто така била нагласена постојаната и успешна соработка меѓу Народната банка и Меѓународниот монетарен фонд во повеќе области поврзани со водењето на политиките, но и со повеќе важни развојни проекти преку коишто дополнително се зајакнува институционалниот капацитет на Народната банка.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ѝ се заблагодари на досегашната висока претставничка на ММФ во нашата држава за плодната соработка, истакнувајќи дека како и досега, така и во иднина, ММФ ќе ѝ биде партнер на централната банка во носењето на политиките и јакнењето на капацитетот на централната банка.