Самостојната изложба на академскиот уметник Ангел Коруновски од Велес, вечерва со почеток во 20 часот ќе биде отворена во уметничката галерија информираа од НУ Музеј Куманово. Изложбата „Реинвенција на реалноста“ опфаќа опус од 30 ликовни дела, слики, скулптури и објекти, кои авторот ги изработил последниве десет години. Сублимираните дела ги опфаќаат неколкуте етапи-фази во ликовното творење, во кои се отсликува фигуративниот пристап и преминот кон неформалното односно апстрактно творештво.

Ангел Коруновски е роден во Велес, 1979 година. Завршил факултет за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје, отсек скулптура, насока конзервација и реставрација и постдипломски студии. Досега реализирал повеќе самостојни изложби во земјава, Црна Гора и Германија, учествувал во групни изложби и интернационални ликовни колонии, добитник е на повеќе награди и признанија.


Изложбата ќе биде отворена до крајот на мај, годинава.