Стрип центарот на Македонија – Велес од средината на февруари го објави интернационалниот стрип конкурс „Велес 2024 Златен стрип“ како дел од традиционалниот Стрип салон на меѓународно ниво, а досега за три ипол месеци се пријавиле околу 300 стрипови на исто толку стрип автори од земјава и светот, кои што ќе се борат за награда меѓу кои и највисоката Златен стрип во вредност од 300 евра.
Како што оценува Tоме Трајков програмскиот координатор на СЦМ-Велес, со ваквата бројка на пријавени стрипови може да се оцени дека има голем интерс кај младите стрип автори за учество на овој меѓународен конкурс,а кој уште трае се до 1 август година. Наградените ќе бидат соопштени и ќе им бидат доделени наградите на годинашниот Стрип салон кон крајот на август во Велес.
Трајков додава дека големиот интерес за стрипот меѓу младите во земјава е резултат на тоа што СЦМ-Велес разви голема и успешна комуникацијата која постојано е во подем со основни и средни училишта од сите општини од државата, како и со приватни училишта и студија.
-Интересот е голем и потврдува дека учениците се свртуваат кон стрипот. Наставниот персонал, израснат во период на голем интерес за 9-тата уметност кај нас, во тоа ги поттикнува. Ние како СЦМ-Велес свртуваме кон сите средини пред сè етнички, овозможувајки искажување на својот мајчин јазик, вели Трајков.
Тој потсетува дека во Хрватска стрипот се изучува факултативно во училиштата, а во Бугарија е дел од високото образование.
-Кај нас во земјава работите се придвижија во насока тој да стане дел од формалното образование, барем во дел од часовите по ликовно, појаснува Трајков.
Од друга страна со жалење констатира дека стрипот како уметност за жал како посебен предмет сеуште не се изучува ниту во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ ниту на Ликовната Академија во Скопје.
Тој појаснува дека . како иницијално јадро за развој на стрипот се младите стрип автори кои со успех учествуваат на разни стрип конкурси и фестивали во земјата и странство.
-Значењето и реномираноста на Стрип салонот во Велес како традиционален стрип фестивал кој годинава ќе одржи по 21 пат во Велес се потврдува и преку зголемен интерес на мегународно ниво. Воедно потврда за тоа е и се’ поголемиот број пријавени стрип автори од странство, информира Трајков.
Меѓународниот Стрип салон финансиски го подржува Министерството за култура и Општина Велес.