Отворањето за автомобили на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен и северен дел – едниот населен со Албанци, а другиот со мнозинско српско население - била тема на средбата што денеска косовскиот премиер Албин Курти ја одржа со амбасадорите на земјите од групата Квинта (САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија) и шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, соопшти попладнево кабинетот на Курти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во соопштението се наведува дека на средбата, меѓу другото, се разговарало за последните случувања, безбедносната состојба и владеењето на правото и севкупниот развој на Косово.

- Во рамките на информирањето и координацијата со нашите меѓународни партнери, тема на третман на оваа средба беше и важноста од координирање на институционалните дејствија за отворање на мостот на реката Ибр и за автомобили, со цел да се овозможи целосна слобода на движење, што ќе им биде од полза на граѓаните од двете страни на мостот, без разлика, а истовремено ќе придонесе за развој на економијата и пазарот преку полесно движење на стоки и капитал, се наведува во соопштението.

На средбата со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џефри Ховение, оној на Обединетото Кралство, Џонатан Харгривс, на Германија, Јорн Роде, на Франција, Оливие Геро и на Италија, Антонело Де Риу и шефот на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, Томаш Суниог, Курти бил придружуван од првиот вицепремиер, Бесник Бислими и министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља.