Уцени до судот од првиот екс вицепремиер кој не сака да влезе зад решетки откако полицијата му влезе во трага за сторен криминал во државната лотарија, пренесува Телевизија Алфа.
Артан Груби неофицијално поставува услов Кривичен да не го праќа во Шутка за да се врати во Македонија. Груби кој велеше дека е „чист како солза“, ангажирал адвокат.
Според засега непотврдени информации, станува збор за бранителот Владимир Доневски кој не одговори на повиците на Алфа.
Наводно преку него, Груби го испорачал барањето до судечкиот совет, кој иако веќе донесе одлука на четворицата соработници да им ги одземе пасошите и да се јавуваат во судот, тактизира со одлуката за ексвицепремиот и поранешниот директор Перпарим Бајрами.
„До судија на претходна постапка доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица опфатени со истата истрага, која мерка започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање, за кој предлог судот е во фаза на постапување, а за што во текот на денот јавноста ќе биде дополнително известена.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет“ соопштија од Кривичниот суд.
Груби кој многу веројатно добил дојави од своите инсталации во правосудството дека ќе биде апсен, заминал од Македонија во неделата утрото. Тој се качил во автомобилот на неговиот пријател – бизнисменот и почесен косовски конзул Арсим Папранику. Дипломатските таблички му ја кренале рампата на Блаце, а Груби со албански пасош влегол на територија на Косово. Граничарот кој што му дал зелено светло од македонска страна да замине веќе е предмет на истрага во МВР.
Полицијата вчера изврши претрес во куќата на Груби но и на други девет локации и пронашла вкупно 60 илјади евра во кеш. Беше претресена и куќата на Бајрами е осомничен дека пред неколку месеци побегнал во Косово.
Според истрагата за злоупотребите во државните игри на среќа, се проценува проневера од речиси 8,2 милиони евра . Груби, Бајрами и останатите осомничени за криминалите во Државната лотарија ќе одговараат за малверазациите со тендерите за набавка на нови коцкарски апарати.
Груби минатиот понеделник се разбуди на црната листа на САД за случај со значителна корупција и директна вмешаност во судски скандал со мито.