Специјални полициски сили, припадници на армијата, со детектори и кучиња беа распоредени на неколку имоти на Џелал Ајети, познат како Џелал Беланоца. Присутни беа и багери кои со часови копаа во имотите на Беланоца, пренесува Телевизија Алсат.
Освен под земја, претреси биле извршени и на покривот на еден од објектите во сопственост на Беланоца. Полицијата ги блокираше патиштата и со часови пребаруваше во куќата на семејството на Џелал Беланоца.
Неофицијално, Алсат дознава дека во куќата биле сопругата, ќерката, снаата и внуците на Беланоца. Претресот бил вршен зад затворени врати, додека полицијата спречила други лица да влезат во куќата. На повеќе локации во овој регион е забележано присуство на зголемени полициски сили.
Групата Беланоца се поврзува со трговија со наркотици, додека водачот на бандата е осуден со одлука на Апелациониот суд на вкупно 11 години затвор за трговија со дрога. Групата Беланоца е позната и по ривалството со групите Грчец и Дуќанџик. Ривалството започна во 2010 година каде имаше бројни инциденти, убиства и бомбашки напади меѓу одделните кланови. Судирите се интензивираа кога во ноември 2013 година во чајџилницата „Те Џела“ во Ченто беше убиен 46-годишниот Џелал Ајети. Убиецот маскиран и вооружен влегол во чајџилницата и со 30 куршуми го убил Ајети. Џелал Ајети, познат како Џелал Беланоца, во тоа време бил познат лихвар и влијателна личност во нарко подземјето.
Извор: Aлсат.мк