Американски федерален судија одби привремено да го врати правото на новинската агенција Асошиејтед прес (АП) да известува за сите настани организирани од Белата куќа под администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Сепак, судијата Тревор Мекфејден ја повика американската влада да ја преиспита забраната воведена пред две недели.
АП ја побара привремената мерка во рамките на тужбата против тројца функционери на Белата куќа, кои ги идентификуваше како протагонисти на забраната воведена за Асошиејтед прес да биде дел од внатрешниот круг на медиуми кои имаат пристап до сите простории на Белата куќа и можат да известуваат од авионот на американскиот претседател кога тој патува некаде.
Судијата Мекфејден одби да ја воведе привремената мерка затоа што АП не докажала дека поради одлуката претрпела непоправлива штета.
Тој исто така рече дека одлуката е привремена, ограничена на овој момент и дека прашањето бара дополнително испитување пред да се донесе суштинска одлука.
Белата куќа го ограничи пристапот за известувачите на АП бидејќи агенцијата одбива да го нарекува Мексиканскиот Залив „Американскиот Залив“, во согласност со одлуката на Доналд Трамп.
Мексиканскиот Залив е меѓународно признато име на заливот јужно од САД, над кој Мексико има мнозинска контрола.
Мексико се заканува дека ќе го тужи Гугл бидејќи американскиот технолошки гигант го воведе името „Американскиот залив“ за корисниците на „Гугл мапс“ во САД врз основа на извршната наредба на Трамп од 20 јануари