Експлозија се случи утринава во Воено-техничкиот институт за тестирање Захорие во регионот на Братислава, потврди портпаролката на Центарот за итни медицински операции, Данка Чапакова, пренесоа словачките медиуми.

-На основа на сигнал од телефонот за итна помош, нешто по 8:15 часот утрово испративме амбулантни возила и хеликоптер во Воено-техничкиот институт за тестирање Захорие, каде според првичните информации имало експлозија.

Таа додаде дека болничарите превезле две лица во болниците во Братислава откако на лице место им укажале прва помош.

Регионалната полиција на Братислава на социјалните мрежи објави дека добила информација за инцидентот нешто пред 09:00 часот и дека на местото на настанот биле пронајдени две лица повредени.

Жужана Гегусова, портпаролка на противпожарната служба, потврди дека експлозијата се случила во рамките на институтот и дека на лице место биле повикани пожарникари.

Подоцна, министерот за одбрана на Словачка Роберт Калињак изјави на социјалните мрежи дека денешната експлозија се случила за време на пробно лансирање.

-Засега не е можно со сигурност да се утврди причината за вонредниот настан, дали се работи за дефект на полнежите од прав, муниција или самиот систем на оружје, рече Калињак.