Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Обединетото Кралство ќе ги зголеми трошоците за одбрана на 2,5 отсто од БДП до 2027 година, од сегашните 2,3 отсто, за да одговори на новите безбедносни предизвици во Европа.

-Велика Британија мора да ги искористи сите свои ресурси за да постигне безбедност, рече Стармер во говорот во Долниот дом на британскиот парламент.

Стармер посочи дека зголемувањето на трошоците ќе значи дополнителни 13,4 милијарди фунти за одбраната, пренесе Би-Би-Си.

-Можам да објавам дека оваа влада ќе го започне најголемото одржливо зголемување на трошоците за одбрана од крајот на Студената војна, рече Стармер.

Тој вети дека до следната седница на Парламентот ќе ја достигне целта од три проценти од БДП за воени трошоци.

Ова зголемување ќе се постигне со намалување на британскиот буџет посветен на меѓународната развојна помош, кој ќе се намали од 0,5 отсто на 0,3 отсто во периодот до 2027 година, за да се финансираат поголеми инвестиции во одбраната, додаде Стармер, велејќи дека не е среќен што мора да објави кратења на странската помош.

Тој рече дека е горд на перформансите на Велика Британија во обезбедувањето странска помош и рече дека Британија ќе продолжи да игра клучна хуманитарна улога во Судан, Украина и Газа, во борбата против климатските промени и во поддршката на глобалното здравје и вакцините.

Тој изјави дека Европа мора да „направи повеќе“ за својата одбрана.

Стармер истакна дека одбраната и безбедноста на Британците мора да бидат на прво место.

-Целиот наш пристап кон националната безбедност сега мора да се промени, рече тој, додавајќи дека ќе побара од британската индустрија, бизнисите, универзитетите и британскиот народ да играат поголема улога во ова.

Ветувањето на Стармер дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана следеше по неколкумесечниот американски притисок и повиците Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, пишува Би-Би-Си.

Беше објавено и два дена пред неговото заминување во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа значи дека тој оди во Вашингтон со цврста определба што треба да му даде дипломатска заслуга кај американскиот претседател, посочува Би-би-си.