Во Германија денеска почна судски процес против четворица наводни припадници на Хамас, осомничени за организирање на магацини со оружје ширум Европа.

Тие се обвинети дека наоѓале и користеле стари магацини за оружје, а изградиле и нови во Бугарија и во Данска, што подоцна би можел Хамас да ги користи за складирање на оружје и муниција за напади врз израелски и еврејски цели во Европа.

Оружјето, наводно, било преместувано низ Европа како подготовка за нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, тврдат обвинителите.

Хамас планирал и напад врз Амбасадата на Израел во Берлин, врз областа околу аеродромот Темпелхоф и врз американската воздухопловна база Рамштајн.

Четворицата обвинети беа уапсени во декември 2023 година. Сите четворица имаа важни позиции во Хамас.