Активисти од руската организација за човекови права „Меморијал“ ја посетија Украина за да истражат наводни прекршувања на човековите права извршени од Русија, изјави денеска еден од основачите на групата, Олег Орлов, јави ДПА.

Орлов изјави дека патувањето било организирано во соработка со украински активисти од Харков. Ова е еден од ретките јавни контакти меѓу граѓанското општество на двете земји во повеќе од три години војна.

- Ова патување беше многу важно за мене, рече Орлов, кој во 2024 година беше ослободен од затвор во Русија, каде што беше осуден поради протест против војната. Сега живее во егзил во Берлин.

Во јануари, групата „Меморијал“ ги посети украинските региони Киев, Харков, Чернихив, Одеса, Николаев и Херсон, каде што разговараше со жртвите на наводни руски злосторства.

- За нив беше тешко да зборуваат со нас. Но, сепак ни кажаа, изјави Орлов за реакциите на Украинците кон руските активисти.

Сведоштвата за гранатирање цивилни објекти, незаконски апсења, тортура и тајни затвори звучат познато за активистите кои ги истражуваа руските воени злосторства во други конфликти.

„На руините на Мариупол претходеа руините на Алепо (Сирија) и Грозни во Чеченија, нагласи Орлов.

Според Владимир Маликин од „Меморијал“, на окупираните територии Русија воспоставила систем на државен терор.

- Ова не се поединечни случаи на насилство, туку систематски терор од страна на државата, рече Маликин.

Тој додаде дека во случај на евентуален мировен договор, неопходно е двете страни да ги ослободат сите затвореници.

Поради војната, Украина во моментов има забрана за влез на руски државјани, но за оваа мисија бил направен исклучок, изјави Евген Захаров, претставник на украинска група за човекови права од Харков.