Иран го забрза производството на ураниум со ниво на збогатување приближно на она што го прави погоден за употреба во нуклеарно оружје, покажува извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Во извештајот на набљудувачката организација на ОН со седиште во Виена се вели дека од 8 февруари Иран има 274,8 килограми ураниум збогатен до 60 отсто. Ова е зголемување за 92,5 килограми од последниот извештај на МААЕ во ноември.
Овој материјал е мал технички чекор подалеку од нивото на збогатување ураниум за оружје од 90 проценти.
Според извештајот, залихите во ноември биле 182,3 килограми. За споредба, во август минатата година тие биле 164,7 килограми.
-Значително зголеменото производство и акумулација на високо збогатен ураниум од страна на Иран - единствената ненуклеарна држава што произведува таков нуклеарен материјал - предизвикува сериозна загриженост“, се вели во извештајот. Според МААЕ, приближно 42 килограми 60 проценти збогатен ураниум се теоретски доволни за производство на една атомска бомба доколку дополнително се збогати до 90 отсто.
Во својот квартален извештај, МААЕ, исто така, процени дека заклучно со 8 февруари, вкупните резерви на збогатен ураниум во Иран изнесуваат 8.294,4 килограми, што е зголемување за 1.690 килограми од последниот извештај во ноември.