Папата Франциск, кој се лекува во болница од пневмонија, добро спиел во текот на ноќта и утрово продолжува да се одмора, соопшти Ватикан.

Папата го поминува својот 14-ти ден во римската болница „Агостино Џемели“, што е негова најдолга хоспитализација од почетокот на неговото папство во 2013 година.

Ватикан синоќа објави подолго соопштение во кое појасни дека кај папата дошло до „натамошно благо подобрување“ на неговата здравствена состојба, но не беше наведено дали неговата состојба и натаму е критична, како што се наведуваше во секое соопштение од саботата.

Појаснето е дека папата Франциск продолжува да прима кислород, но дека нема дополнителни респираторни кризи и дека е решен проблемот со „благата бубрежна инсуфициенција“.

Беше кажано и дека третманот за пневмонија „се одвива по вообичаената прогресија“ и дека тестовите на крвта покажале „добри резултати“. Но, Ватикан нагласи дека лекарите остануваат внимателни во нивните прогнози.

Католиците синоќа трета ноќ по ред се собраа да се молат за здравјето на папата Франциск, под скалите на базиликата „Свети Петар“ во Ватикан.

Калуѓерки со бројаници, свештеници и туристи беа меѓу оние кои се придружија на молитвата во Ватикан. Ноќните собирања почнаа во понеделникот, откако здравствената состојба на 88-годишниот папа се влоши во текот на викендот.