Русија очекува денешните разговори меѓу руските и американските дипломати во Истанбул да бидат први во серијата состаноци што ќе ги приближат позициите на двете земји за решавање на проблемите во нивните односи, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Захарова на прес-конференција рече дека целта на преговорите во Турција е да се отстранат „надразнувачите“ во односите.

-Очекуваме денешниот состанок да биде прв од серијата слични експертски консултации кои ќе ги приближат нашите позиции до оние на американската страна за надминување на несогласувањата што се појавија, зајакнување на мерките за градење доверба и слично, рече портпаролката. „Во моментов во Истанбул се одржуваат консултации меѓу руското МНР и Стејт департментот на САД на ниво на експерти за надворешна политика за прашањето за продолжување на контактите, работата на амбасадите итн.“, додаде Захарова.

Во резиденцијата на генералниот конзул на САД во Истанбул се водат преговорите меѓу руската и американската делегација во Истанбул, каде што учесниците разговараат за прашањето за работата на амбасадите. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека во нив учествуваат „високи дипломати и експерти“.

Средбата се одржува зад затворени врати и не е однапред соопштено колку се очекува да трае. Странски новинари чекаат пред резиденцијата за завршување на преговорите.