Хаотичните реторички испади на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на ЕУ, НАТО, царините, Гренланд и особено Украина, на крајот би можеле да имаат позитивен ефект врз Европа како неопходен повик за будење, оценува израелскиот весник „Хаарец“.
Под наслов „Големото геополитичко будење: европската дилема на Трамп и излезот од неа“, весникот пишува дека Европа мора да се соочи со разочарувачката идеја што се искристализира како реалност - дека Америка што ја познава од Втората светска војна повеќе не постои.
Америка го менува курсот и го уништува светскиот поредок кој повеќе не го гледа како поволен, а малку се грижи за последиците, пишува „Хаарец“. Ова, додава весникот во својата анализа, „не е крај на светот, туку е процес кој постепено ќе го преобликува меѓународниот систем“.
НАТО, како најдолготрајниот воен сојуз во историјата, сега се соочува со егзистенцијална закана од неговиот основач, САД, наведува весникот, додавајќи дека Европа мора геополитички и итно да се прилагоди.
Весникот пишува дека Европа е економски моќна, но покажува слабост и неединство кога станува збор за надворешната политика и безбедноста.
Ова, продолжува весникот, се одразува најпрво во фактот дека и покрај зголемената економска интеграција, отворените граници и слободното движење на работната сила, стоката и капиталот, забележлив е недостаток на кохерентна европска надворешна политика.
-Второ, во самата ЕУ денес има политичка нестабилност, криза и слабост, а тоа е најизразено кај двете најсилни сили: Германија и Франција, наведува „Хаарец“.
Весникот нагласува дека на Европа моментално и недостига политички центар на гравитација кога станува збор за лидерство, а јазот меѓу политичките елити и пошироката јавност за сите прашања на владата и општеството е се поголем. Справувањето со промените што Америка и ги наметнува на Европа ќе бара поголема политичка тежина и визија отколку што Европа моментално поседува.
-Иронично, хаотичните реторички испади на Трамп врз ЕУ, НАТО, царините, Гренланд и, особено, Украина, на крајот би можеле да имаат позитивен ефект врз Европа со забрзување на неопходното, ако и болно, будење. Европскиот отпор кон војните и болните сеќавања на автократите кои цинично и безобразно одлучуваат за судбината на нациите се длабоко вкоренети во политичката култура на континентот во последните 80 години. Откако Европа, ако можеме да зборуваме за неа како целина, ќе заклучи дека Трамп во суштина не се разликува од рускиот претседател Владимир Путин или кинескиот претседател Си Џинпинг, поради околностите би можела да се сврти кон создавање обединета политика и користење на моќта што веќе ја поседува, наместо, како што правеше од 1945 година, да застане на страната на Америка, пишува „Хаарец“, заклучувајќи дека Европа сè уште има многу повеќе моќ отколку што мисли.