Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска пристигна во Индија во посета со цел зајакнување на врските меѓу ЕУ и земјата со најмногу население на планетата.
За време на оваа посета, Фон дер Лајен, придружуван од повеќето од 26-те европски комесари, се очекува утре да разговара со премиерот Нарендра Моди.
-Во овој период на конфликт и геостратешка конкуренција, треба да можете да се потпрете на вашите доверливи пријатели, нагласи таа на „Х“ по нејзиното пристигнување во Делхи. „За Европа, Индија е еден од тие пријатели, како и стратешки сојузник. Ќе разговарам со Нарендра Моди за продлабочувањето на нашето стратешко партнерство“, додаде фон дер Лајен.
Нејзината посета доаѓа во време кога новиот американски претседател Доналд Трамп видно ги затегна трансатлантските односи, забележува АФП. Откако дојде на власт минатиот месец, тој и се закани на ЕУ со нови царини, ги критикуваше европските регулативи за технолошките гиганти и започна директни разговори со Русија за војната во Украина.
Индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека „ова е многу важна посета“.
-Тоа не треба да се оценува само во светлината на неодамнешните (стратешки) случувања. На нашиот однос (со ЕУ) гледаме долгорочно, се нагласува во соопштението.
Посетата „има за цел да ја пренесе пораката дека Европа ги консолидира своите врски со другите партнери, вклучително и Индија, со цел да ги обнови билатералните врски“, пренесуваат индиските медиуми.
Урсула фон дер Лајен ја започна својата посета на индиската престолнина со посета на споменикот подигнат во спомен на Махатма Ганди, херојот на независноста на Индија. Таа потоа разговараше со индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар.
-Сакаме да постигнеме напредок во дискусиите за договорот за слободна трговија, да ја прошириме нашата соработка во дигиталните технологии, вклучително и (вештачката интелигенција) и да ја подобриме нашата работа во областа на зелените технологии, рече таа во интервју за индиски весник. „Преговараме за заедничка декларација и се надеваме на најави за зелени технологии и зелена енергија“, потврди индиската страна.