Европската Унија во сите контакти со американските претставници јасно повторува дека во интерес на Украина, на Европа и во крајна линија и на САД е зајакнување на позицијата на Киев пред да започнат какви било мировни преговори, порача денеска Европската комисија во коментар за ставот на ЕУ во пресрет на утрешната средба на американски и украински претставници во Саудиска Арабија.
Портпаролката на Еврокомисијата комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер изјави дека ЕУ „не навлегува во спецификите на оваа билатерална средба“, додавајќи дека Унијата јасно ја искажува својата поддршка за Украина и е најголем донатор на воената помош за земјата, подеднакво колку и САД.
- Нашата позиција е да ја зајакнеме позицијата на Украина со сите потребни средства и да го сториме тоа согласно потребите на Украина. Да ја доведуваме Украина во посилна позиција на бојното поле, за да може да биде силна и на преговарачката маса, додаде Хипер.
Според неа, никој не сака праведен и траен мир повеќе од Украинците и ЕУ се надева дека ќе придонесе тој да се обезбеди и очекува сите нејзини партнери да вложат напори за поддршка на Украина.
На прашање дали се предвидени средби на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас со американски претставници и конкретно со државниот секретар Марко Рубио за време на нејзината претстојна посета на северноамериканскиот континент, Хипер одговори дека таа ќе утре ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН и ќе има средба до генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, по што ќе отпатува за Квебек на состанок на Г7 во среда и четврток.
- Доколку има други дополнителни детали за средби со нашите американски партнери, ќе ве известам, додаде Хипер.