Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека чека Израел да се согласи да премине кон спроведување на втората фаза од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа.

Хамас вели дека покажува „флексибилност“ во преговорите за договор за прекин на огнот со посредниците и дека го чека исходот од напорите на Египет, Катар и САД во преговорите со Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

Во соопштението се истакнува дека преговорите се фокусираат на завршување на војната, повлекување на израелските војници од Појасот Газа и реконструкција на енклавата.

Израел денеска ќе испрати делегација во Доха на нова рунда разговори за продолжување на примирјето во Појасот Газа. Првата фаза од договорот за прекин на огнот, кој започна на 19 јануари, заврши на 1 март без договор за следните фази кои би можеле да обезбедат траен крај на војната.

Разговорите за условите на потенцијалната втора фаза требаше да започнат на 3 февруари, но Израел во голема мера одби да се вклучи во нив. Хамас постојано бараше преминување во втората фаза од договорот што ќе вклучува ослободување на 24-те преостанати живи заложници во замена за траен прекин на непријателствата.

Хамас сè уште држи 35 тела - 34 заложници киднапирани на 7 октомври 2023 година во јужен Израел и посмртните останки на еден војник убиен во 2014 година. Израел и САД побараа продолжување на првата фаза од прекинот на огнот и ослободување на заложниците, без да иницираат траен крај на војната против Хамас.