Виолинистот Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, утревечер ќе настапи заедно со младите музичари од оркестарот на Институтот „Фејмс“ на хуманитарен концерт, чиј приход е наменет за семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На денешната прес-конференција во Скопје, Симовиќ изрази огромна почит кон студентите со кои ќе настапи, како и кон самата институција.

-Кога влегов овде, имав чувство дека сум влегол во Европската Унија. Организацијата е совршена, пробите почнуваат и завршуваат точно на време, а младите музичари ме воодушевија со својата посветеност. Свириме исклучително тешка програма, а јас ќе бидам и солист и диригент. Ќе ги водам преку слушање и внатрешно разбирање на музиката, што е голем предизвик за сите нас. Чест ми е што преку овој концерт, посветен на жртвите од пожарот, ќе придонесеме барем малку да донесеме утеха на нивните семејства, изјави Симовиќ.

Настанот е организиран од институтот „Фејмс“.

-Почнавме со визија да создадеме простор каде што ќе се спојат креативноста, образованието и глобалната музичка индустрија. Денес сме горди што студенти од 27 земји доаѓаат во Скопје да учат, да создаваат и да се поврзуваат, истакна Од Насју Мапа, основачка и извршен директор на „Фејмс“. Таа додаде дека успехот на институтот е резултат на посветената работа и поддршката од европските фондови.

Уметничкиот директор на „Фејмс“, Маја Чаначевиќ, ја потенцираше исклучителноста на утрешната концертна програма.

-Ова е навистина голема прилика за нашите млади музичари да ја споделат сцената со еден од најдобрите виолинисти денес. Ги повикувам сите љубители на класичната музика да дојдат и да поддржат една прекрасна музичка и хуманитарна приказна, рече Чаначевиќ.

Хуманитарниот концерт ќе се одржи утревечер во малата сала на Македонската филхармонија. На програмата се делото за виолина и оркестар и Симфонија бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен.

Целокупниот приход од билетите ќе биде дониран на Црвениот крст, во фондот за помош на семејствата настрадани во пожарот