Во салата „Тоше Проески“ во Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска" во Загреб, се одржа концерт на класична музика во чест на настраданите од пожарот во Кочани и во знак на поддршка кон нивните семејства.
Концертот, што се одржа синоќа, го организираа македонските студенти кои студираат на Музичката академија во Загреб, заедно со нивните хрватски колеги, во соработка со Советотот на македонското национално малцинство за Град Загреб и Македонската православна црква во Хрватска.
На концертот, со избрани дела од класичниот репертоар настапија Виктор Рафајловски - клавир, Дамјана Апостоловски - сопран, Ема Ковачевиќ - клавир, Јана Стоилевска - сопран, Јосип Галиќ - баритон, Андреа Николовска - клавир, Катарина Коцељ - виолина, Ловре Тунуковиќ - виолончело, Карло Ѓурѓевиќ - клавир, Марта Бешлиќ - клавир и Даријан Ивезиќ - клавир.
-Презентирајќи го богатството и разноликоста на класичната музика, со своите виртуозни изведби, изведувачите на концертот допринесоа во унапредувањето на културата, истовремено нѐ обединија сите нас да оддадеме почит на оние кои неодамна ги изгубивме, соопштија организаторите. На концертот, во многубројната публика беа истакнати представници на Хрватскиот сабор, хрватската Влада и македонските институции во Хрватска.