Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој е дел од владината делегација која е во посета на македонскиот павилјон во рамките на „ЕКСПО 2025“ во Осака, Јапонија, денеска во Кјото, заедно со Игор Јанушев, генерален секретар на Владата на Македонија и Андријана Цветковиќ, прв амбасадор на Македонија во Јапонија, оствари работна средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура.
-На средбата, која помина во срдечна атмосфера, беа разгледани можностите за унапредување на соработката во областа на културата и туризмот меѓу двете земји. Љутков и Токура изразија подготвеност за дефинирање конкретни идни активности што ќе придонесат за зближување на македонскиот и јапонскиот народ преку културна размена и туристичка промоција, информираат од Министерството за култура.
Во тој контекст, министерот Љутков потсетил дека минатата година во Скопје бил потпишан билатерален документ кој, како што истакнал, претставува значаен импулс во продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Јапонија.
-Меморандумот претставува прв билатерален договор во оваа сфера меѓу нашите држави и има цел да овозможи поблиско запознавање и соработка на двете култури и чекор што отвора нови хоризонти за креативна размена, заеднички проекти и долгорочно пријателство, потенцирал министерот Љутков.
На средбата тој подвлекол дека меѓународната соработка и презентација на вредностите на македонската култура се приоритет во културната политика на Владата и на Министерството за култура и туризам. Во таа смисла, Љутков укажал дека нашата држава и во иднина ќе настојува континуирано да биде присутна на големите настани во Јапонија, вклучително и да организира и комплексни манифестации преку кои ќе ѝ се овозможи на јапонската јавност да се запознае со нашите автори, репродуктивни уметници, нашето творештво и културно наследство.