Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола јавно ја поздрави Одлуката на македонската Влада за потребата од основање на Факултет за медицински науки и здравство, како нова организациска единица во состав на УКЛО.
Од УКЛО-Битола соопштија дека одлуката претставува значаен придонес кон развојот на здравственото образование и научноистражувачката дејност, со посебен акцент на потребите на Пелагонискиот и Југозападниот регион.
- Новиот факултет ќе понуди современи студиски програми кои ги интегрираат теоријата и практиката, со цел подготовка на стручни кадри способни да одговорат на тековните и идни предизвици во здравствениот систем. Во рамки на основачкиот концепт, новиот факултет ќе понуди четиригодишни додипломски и програми од втор циклус, насочени кон обезбедување квалитетна едукација, стручен напредок и активно вклучување на студентите во научноистражувачки активности, се нагласува во информацијата од битолскиот Универзитет.
Одлуката за основање на Факултетот се темели на идентификуваните приоритети од страна на државата, во контекст на актуелните глобални и локални предизвици како што се стареењето на населението, порастот на хронични заболувања, дигитализацијата на здравствените услуги и недостигот на здравствени професионалци што ја прави оваа иницијатива навремен и стратешки чекор. Иницијативата произлегува од заложбите на универзитетското раководство, предводено од ректорот проф. д-р Игор Неделковски, резултат на конструктивната соработка со државните институции, локалната самоуправа, здравствени установи и други релевантни чинители.
Според предлогот на Министерството за образование и наука, Факултетот за медицински науки и здравство е планирано да започне со работа од академската 2026/2027 година.