Реализирани се 11 проекти за 11 месеци на Клиниката за детски болести во Скопје, беше кажано на денешната презентација на завршените проектни активности, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу, директорот на клиниката Реџеп Мемеди и директорот на ФЗО Сашо Клековски.
Директорот Мемеди појасни дека се работи за значајни проекти, од кои дел се инфраструктурни и еден дел се набавка на современа медицинска апаратура, со кои значително ќе се унапредува квалитетот на здравствените услуги и ќе се подобри медицинска грижа за најмладите и најмалите пациенти.
- Овие проекти всушност се решенија на многуте проблеми и недостатоци, кои ги утврдивме на почетокот на мандатот јули - август минатата година. Вкупната вредност на овие 11 реализирани проекти изнесува околу 40 милиони денари, од кои 7,6 милиони денари се донации на медицинска опрема, информираше директорот.
Тој додаде дека овие резултати не би биле возможни без поддршката од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, Катедрата по педијатрија, медицинските тимови и тимот од администрацијата како и многубројните донатори со големо срце кои позитивно одговориле на повик да ја помагаат Клиниката за детски болести.
- Сметам дека сите ние имаме одговорност да ја чуваме, развиваме и унапредуваме оваа Клиника, бидејќи се работи за највредното што го имаме, а тоа е здравјето на нашите деца, истакна Мемеди.
Премиерот Мицкоски изрази задоволство од реалзиираните проект и кажа дека имале средба со министерот за здравство за идни проекти.
-Најпрвин ќе ми дозволите да му честитам на директорот, на медицинскиот персонал на оваа клиника, на директорот на Фондот за здравство, на сите оние коишто изминативе месеци допринесоа да се случат овие 11 чекори, за коишто претходно директорот нè запозна. И во една неформална дискусија разговаравме и си кажавме дека некогаш треба работите за малку пари да ги движиме, за да изгледаат добро. А некогаш не се ни потребни пари за да земете и го изметите дворот и да ја подобрите хигиената, тоа и не чини милиони. Ова што е направено навистина заслужува пофалби и јас можам само уште една да изразам моја огромна благодарност за тоа што се грижат за овој објект, бидејќи овој објект треба да се грижи за здравјето на нашите најмлади, а тоа се дечињата, рече премиерот.
Од друга страна, додаде тој, знам дека министерот влегува многу амбициозно во целата оваа работа и убеден сум дека голем дел од проектите што стоеја, ќе бидат задвижени.
-Но, бидејќи ние веќе имаме неколку средби и разговараме за иднината, убеден сум дека ќе има многу убави и пријатни изненадувања за граѓаните, за вработените во Клиничкиот центар и оние пациенти коишто ги користат услугите на Клиничкиот центар тука но и генерално за здравството низ цела Македонија. Доаѓа време што ќе биде многу подобро, би рекол, најдобро за граѓаните, додаде премиерот.