Јужнокорејската војска ги обнови сите единаесет стражарски пунктови во демилитаризираната зона што ја дели од Северна Кореја, а кои беа целосно отстранети во 2018 година со договор меѓу двете земји за намалување на воените тензии.
Проектот за обнова на граничните објекти, вреден 14,4 милиони долари, беше завршен минатиот месец, произлегува од одговорот што војската го достави на прашање од пратеникот Де-Сик, пренесе денеска агенцијата Јонхап.
Според договорот од 2018 година, двете земји целосно отстранија по десет стражарски објекти, додека еден беше разоружан, но не и физички отстранет.
Меѓутоа, двете земји, според пишувањето на агенцијата, презедоа чекори за нивна повторна изградба. Прво, во 2023 година, владата на Северна Кореја еднострано се откажа од договорот, а тоа потоа го направи и Јужна Кореја откако Пјонгјанг во повеќе наврати испраќаше воздушни балони со отпад на нејзина територија.
Извештајот од кој лани беше симната ознаката за тајност покажа дека на јужнокорејските функционери им било оневозможено да влезат во подземните простории на граничните објекти на Северна Кореја и да ги извршат инспекција.
Еден член на главниот штаб на јужнокорејската војска рече дека во единаесетте области што ги покриваат граничните објекти, операциите нормално се одвиваат, но не навлегуваше во детали, образложувајќи го тоа со безбедноста на војниците.