Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА ги направи првите свои директни слики од егзопланета, објави порталот „Брејн мејз“ (Brain Maze). Тоа е планета што се наоѓа вон Сончевиот Систем.

Ова е значајно достигнување, бидејќи егзопланетите немаат многу светлина којашто се одбива од нив, па истражувачите обично ги откриваат преку индиректни методи, како што е следење на нивните сенки додека минуваат пред нивните ѕвездата. Планетата „Ти-даблју-еј 7-б“ (TWA7b) е 10 пати помала од претходно откриените егзопланети што можат да се набљудуваат со телескоп. Научниците веруваат дека има маса слична на онаа на Сатурн и се наоѓа на 100 светлосни години од Земјата.

Нејзиниот орбитален период трае неколку стотици години, а се наоѓа во планетарен систем стар околу 6 милиони години. Тоа дава увид во раните фази од неговиот развој. Нашето Сонце, за споредба, се смета дека е старо околу 4,6 милијарди години.

Планетите со оваа големина обично не можат да се видат со телескоп, бидејќи светлината на ѕвездата околу којашто кружи телото спречува директно набљудување.

Истражувачкиот тим предводен од д-р Ан-Мари Лагранж употреби нов метод којшто го имитира затемнувањето на ѕвездата. Тоа намали голем дел од светлината на ѕвезда, олеснувајќи го набљудувањето и на сите околни вселенски тела.

Така, научниот тим ја забележи планетата што се појавува како светла точка светлина со тесен прстен остатоци. Лагранж и нејзиниот тим истакнуваат дека сè уште постои „многу мала шанса“ фотографиите да прикажуваат галаксија во позадината, но „доказите силно сугерираат“ дека изворот е претходно неоткриена планета.

Првата егзопланета е откриена 1992 година, а оттогаш се забележани речиси 6.000. Повеќето од нив не се снимени со директно снимање. Инаку, телескопот „Џејмс Веб“ неодамна го забележа космичкиот феномен на Ајнштајновиот прстен, кога светлината од една галаксија се прекршува околу масата на друга. Лани телескопот ја сними најоддалечената галаксија забележана досега.