Уште 60 минути остануваат за Вардар на патот до остварување на најголемиот клупски успех, пласманот на Ф4 турнирот во лигата на шампионите. Во четврток во Скопје се игра реванш натпреварот со Флензбург (19 ч.) од четврт-финалето на лигата на шампионите.

На првиот натпревар пред неколку денови во Германија, нашите ракометари победија со 26-24 што им ја отвора вратата кон влез во Топ-4 екипите. Без оглед на тој триумф во нашиот табор се свесни дека реваншот нема да биде формалност, туку следува нов неизвесен и подеднакво тежок натпревар за играње.

Паркингот и двата булевари околу СЦ „Јане Сандански" ќе се затворат во 15 часот. Во салата не е препорачливо да се носат деца помали од 7 години, и само оние што имаат билет ќе може да влезат на натпреварот. Се препорачува да не се носат метални предмети, ранци и други торби со себе поради безбедносни причини.

Раул Гонзалез - тренер на Вардар

„Ова е второто полувреме од четврт-финалето на ЛШ. Имаме два гола разлика, но треба да ја заборавиме оваа ситуација. На првиот натпревар сѐ беше добро за нас. Но Флензубрг е добра екипа и за нас беше многу тешко второто полувреме. Ние сега имаме притисок, но со помош на публиката се надевам дека ќе одиграме добар натпревар. Сакаме да се пласираме на Ф4, но можеби Флензбург нема да игра како што одигра дома. Пред три години Фленсбург одигра одлично во Скопје. Мора да се фокусираме на натпреварот како да имаме 0-0, мислам дека Флензбург тука ќе постигне повеќе од 24 гола, мора да се надигруваме, а кој ќе победи ќе победи. Арпад Штербик имаше 40 отсто успешни одбрани таму, но мислам дека во Скопје ќе се постигнат повеќе голови. Ние сакаме да ја забрзаме играта. Тие играат агресивно и брзо, тоа е така секогаш. Нашите ракометари се подготвени, но можеби нашиот голман нема да биде на исто ниво, па работите на терен ќе бидат различни. Јас имам доверба во мојот тим, цела сезона тренираа и сега е моментот кој треба да го искористиме.

Стојанче Стоилов - играч на Вардар „На првиот натпревар имаме плус од два гола, но тоа не треба премногу да не опушти. Таква игра е ракометот што може сѐ да се смени во брзо време. Имаме одличен резултат екипата е спремна. Се надевам дека нема да разочараме. Долго време го чекаме тој Ф4. Мислам дека ова е шанса да се пласираме пред наша публика и да се израдуваме самите себеси и целата јавност.